Озил има заработено потешка повреда во Минхен

Не само што е елиминиран од Баерн (М) во 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони, предводникот на лондонскиот премиерлигаш Арсенал, Арсен Венгер најверојатно на подолг временски период ги загуби и услугите на најскапата аквизиција во клупската историја, Месут Озил.

Репрезентативецот на Германија заработи незгодна повреда во финишот од првото полувреме и поради истата мораше да биде заменет за време на паузата.

„Станува збор за посериозна повреда, станува збор за сериозно истегнување. Не знам колку точно ќе отсуствува од зелениот терен, но знам дека нема да биде во комбинација за неделниот дерби натпревар против градскиот ривал Тотенхем. И во Лондон ќе направиме снимка, ќе има нови лекарски прегледи. Ќе видиме колку е сериозна повредата, но ќе мора да паузира неколку недели. Се надевам дека следниот лекарски преглед ќе покаже дека повредата на Озил не е толку сериозна”, изјави трофејниот француски стручњак.