Пјонгјанг ја критикува Европа и порача дека денуклеаризацијата не е тема на преговорите со САД

Северна Кореја во саботата во соопштение на својот амбасадор во Обединетите нации остро ги критикуваше европските земји кои претходно седмицата предупредија на нејзините константни лансирања на балистичките проектили, додавајќи дека денуклеаризацијата повеќе не е тема на преговорите со САД.

Европските членови на Советот за безбедност при Обединетите наци во средата ги осудија постојаните севернокорејски лансирања на балистички проектили и ја потврдија потребата од задржување на жестоките санкции за Пјонгјанг. Белгија, Естонија која ќе е членка на СБ од јануари, Франција, Германија, Полска и Велика Британија, исто така, предупредија на севернокорејската нуклеарна програма во изјавата објавена по нивниот затворен состанок на Советот за безбедност одржан на нивно барање.

Во својата осуда на севернокорејските тестирања, споменатите европски земји наведоа дека Пјонгјанг извел 13 тестирања на балистички проектили од мај годинава, од кои последното е изведено на 28-ми ноември.

„Тоа е уште една тешка провокација насочена против Северна Кореја додека таа го користи своето право на јакнење на националните одбранбени капацитети. Додека овие шест европски земји последните месеци создаваат многу проблеми во улогата на пес чувар на САД, можеме само да се запрашаме што добиваат за возврат“, реагираше севернокорејскиот амбасадор во ОН, Ким Сонг, во соопштение во саботата.

Споменувајќи ја „паранојата“ на Европејците и непријателската политика на САД, Ким Сонг вели дека на неговата земја сега не ѝ се потребни разговори со Вашингтон кога прашањето за денуклеаризацијата повеќе не е тема на преговорите.

Ким Сонг наведува во писмената изјава и дека „трајниот и содржаен дијалог“ кој го бараат САД претставува „трик за штедење време“ кое одговара на американската политичка програма.

Во периодот кога разговорите за севернокорејската нуклеарна програма меѓу Вашингтон и Пјонгјанг западнаа во слепа улица, Северна Кореја до крајот на декември им даде рок на САД да понудат нов договор кој неминовно ќе предвидува брзо симнување на санкциите.