Пјонгјанг ги укина агенциите кои работеа на обединување со Јужна Кореја

Северна Кореја во вторникот распушти неколку агенции кои работат на обединување со Јужна Кореја, објави официјалната новинска агенција KCNA, откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјавил дека обединувањето на неговата земја со јужниот сосед повеќе не е можно.

Одлуката за распуштање на агенциите ја објави севернокорејскиот парламент. Станува збор за три организации кои се занимаваа со прашањето на обединувањето и меѓукорејскиот туризам.

Во говорот пред парламентот во понеделникот, Ким рече дека неговиот конечен заклучок е дека обединувањето со јужниот сосед повеќе не е можно и го обвини Сеул дека бара соборување на режимот во Северна Кореја и обединување преку апсорпција на северот.

Ким повика на уставен амандман со кој ќе се промени статусот на Јужна Кореја. Тој, исто така, предупреди дека неговата земја не сака војна, но нема намера да ја избегнува, доколку биде цел на агресија.

„Не сакаме војна, но немаме намера да ја избегнеме“, рече Ким, цитира KCNA.

Во извештајот минатата седмица за американскиот преокт „38 North”, поранешниот функционер на Стејт департментот, Роберт Карлин и нуклеарниот научник Зигфрид Хекер наведоа дека ја гледаат ситуацијата на Корејскиот полуостров поопасна од кога и да е од почетокот на јуни 1950 година, објави Reuters.

„Можеби звучи премногу драматично, но веруваме дека, како и неговиот дедо во 1950 година, Ким Џонг-ун донесе стратешка одлука да оди во војна“, напишаа тие.

„Не знаеме кога и како Ким планира да го повлече чкрапалото, но опасноста е веќе многу подалеку од рутинските предупредувања во Вашингтон, Сеул и Токио за ‘провокациите’ на Пјонгјанг“, пишуваат авторите без да дадат конкретни докази за своите тврдења.

Другите набљудувачи, сепак, се пооптимисти и велат дека промените едноставно ја одразуваат реалноста и може да им помогнат на двете Кореи конечно да ги нормализираат односите, додава Reuters.