Пјонгјанг лансирал неидентификувани проектили

Северна Кореја лансирала неидентификувани проектили од својот источен брег, изјави во средата претставник на Здружениот штаб на Јужна Кореја, неколку дена откако Пјонгјанг извести дека успешно тестирал нов тип крстосувачки ракети со долг дострел.

Јапонската крајбрежна стража соопшти дека станува збор за два истрелани проектила во интервал од пет минути, кои би можеле да биде балистички ракети.

„Ракетите лансирани од Северна Кореја во средата прелетаа околу 800 километри, а највисоката точка на летот изнесуваше 60 километри“, објави Комитетот на началниците на генералштабовите на Јужна Кореја додавајќи дека војската поради тоа била ставена во состојба на борбена готовност.

Во соопштението на јужнокорејскиот Здружен штаб се наведува дека ракетата била лансирана од централниот дел на Северна Кореја веројатно во јапонските територијални води. Јужна Кореја во моментов го анализира лансирањето во соработка со американските сојузници, се додава.

„Станува збор за безобѕирен и дрзок чин кој претставува закана за стабилносста и безбедноста на нашата земја и на регионот“, изјави јапонскиот премиер Јошихиде Суга, и најави за средата свикување итен состанок на Советот за национална безбедност на кој ќе се разговара за актуелната ситуација земајќи го предвид и севернокорејското лансирање од викендот на ракетите кои прелетаа 1.500 километри.

Суга, исто така посочи дека лансирањата од Северна Кореја се „кршење на сите постоечки резолуции на Советот за безбедност на ОН“, истакнувајќи дека Токио остро протестира и ги осудува ваквите постапки на Пјонгјанг.

Премиерот, исто така, им нареди на сите релевантни министерства и служби навремено и точно да ги известат локалното населние за сите поединости поврзани со новите ракетни лансирања од Северна Кореја, како и осигурување на безбедноста на сите бродови и цивилни авиони во зоната на лансирањата.

Информацијата за севернокорејското лансирање е објавена откако Пјонгјанг извести дека успешно тестирал нова крстосувачка ракета со долг дострел изминатиот викенд, нарекувајќа ја „стратешко оружје со голема важност за одвраќање“ на непријателите.

Станува збор за термин кој се користи за нови наведувани проектили кои имаат потенцијал да понесат нуклеарни боеви глави, велат стручњаците за севернокорејската нуклеарна и ракетна програма.

САД и Јужна Кореја и овој август ги одржаа големите заеднички воени вежби, кои Северна Кореја редовно ги критикува како подготовка за воена инвазија врз неа. Како одговор, Пјонгјанг секогаш по маневрите изведува ракетни или нуклеарни тестови, иако е под меѓународни санкции поради развојот на нуклеарно оружје.