Пјонгјанг порача дека не разгледува ниту можност за контакт со Вашингтон

Северна Кореја не разгледува никаков контакт со Соединетите држави, порача во средата министерот за надворешни работи Ри Сон Гвон.

„Не разгледуваме дури ни можност на каков и да е контакт со САД, а не пак да го имаме, што не би нѐ водело никаде, само би одземало драгоцено време“, рекол Ри во изјавата којашто ја цитира севернокорејската службена новинска агенција KCNA.

Шефот на севернокорејската дипломатија ја даде оваа изјава откако новиот специјален американски претставник за Северна Кореја во понеделникот во јужнокорејската престолнина Сеул рече дека се радува на „скорешниoт позитивен одговор“ за дијалог од Пјонгјанг.

Севернокорејската програма за нуклеарно вооружување со години е ненадминлив проблем за САД, а обидувајќи се тоа да го промени администрацијата на претседателот Џо Бајден спроведе ревизија на политките кон Пјонгјанг и порача дека ќе бара „соодветени и практични“ начини како да ја наговори Северна Кореја на денуклеаризација.

Во вторникот Ким Јо Џонг, влијателната сетра на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун, изјави дека Вашингтон сигналите од Пјонгјанг ги толкува на „погрешен начин“.

Нејзиниот одговор, како висок функционер на владејачката Комунистичка партија во Северна Кореја, беше упатен до американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, кој во неделата изјаваи дека го гледа како „интересен сигнал“ неодамнешниот говор на Ким Џонг-ун за подоготовките и за судир и за дипломатија со САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.