Пјонгјанг развил минијатурни нуклеарни уреди погодни за балистичките проектили

Северна Кореја продолжува да ја развива својата програма за нуклеарно оружје, а неколку земји проценуваат дека „веројатно развила минијатурни нуклеарни уреди за да ги вклопи во своите балистички ракети“, се наведува во доверлива прелиминарен извештај на независни експерти, кој во понеделникот бил претставен до Комитетот за следење на спроведувањето на санкциите против оваа земја при Советот за безбедност на Обединетите нации.

Извештајот на независни стручњаци кои ги следат санкциите, на кој се повикува агенцијата Reuters, наведува дека земји, коишто тие не ги идентификуваат, веруваат дека на Северна Кореја последните шест нуклеарни проби веројатно ѝ помогнале во развојот на минијатурните нуклеарни уреди. Пјонгјанг инаку не извел нуклеарно тестирање од септемри 2017 година.

„Северна Кореја ја продолжува својата нуклеарна програма, вклучително и производство на високозбогатен ураниум и градење експериментален реактор со лесна вода. Една од земјите членки (на ОН) верува дека Северна Кореја продолжува да произведува нуклеарно оружје“, го цитира Reuters извештајот во кој агенцијата имала увид.

Според документот, редица земји сметаат дека Пјонгјанг во текот на последните шест нуклеарни тестирања со голема веројатноста развил „минијатурни нуклеарни уреди погодни за (севернокорејските) балистички ракети“, и ќе продолжи да ја развива оваа технологија. Во извештајот на ОН се наведува дека една земја смета дека Северна Кореја „може да настојува и натаму да ја минимизира“ технологијата за да развие неколку нови системи со боеви глави.

Притоа, како што забележува Reuters, во извештајот на ниедно место не е наведено за кои земји станува збор.

Во однос на Северна Кореја во моментов се на сила најострите санкции досега. Резолуцијата 2397, усвоена од Советот за безбедност при ОН, предвидува ограничување во снабдувањето со нафата и нејзини производи, а притоа се бараше од сите земји да ги протераат од своите територии сите севернокорејски работници до крајот на 2019 година, за кои се смета дека преку државни договори носат значителни приходи за режимот во Пјогнјанг со кои го финансира развојпот на нуклеарната програма. Причината за санкциите беше севернокорејскиот континуиран развој на интерконтинентални балистички проектили и нуклеарно оружје.