Нова терапија за болните од рак на позитивната листа, подобрување на скрининг програмата, нови протоколи и подобри улови на онкологија и за пациентите и за вработените. Ова се најважните барања на “пеперутките” од здружението Хема – Онко во месецот за подигнување на свеста за ракот на дојка. Тие се категорични дека потребни се промени во здравствениот систем и 10 годишна стратегија за поуспешна борба со најчестиот карцином кај жените зошто не само од болеста како што велат повеќе се плашат од системот.
Поголеми проблеми има околу скрининг програмата и наоѓање термини за дополнителни прегледи. Новодијагностицираните, додаде, имаат голем проблем за закажат ехо на дојка и мамографија, изјави Ана Марјановиќ, онколошки пациент од здружението Хема – Онко
Од Националната комсисија за скрининг на рак на дојка, велат дека термини имало, а тие работеле согласно можностите.
– Мора да разграничиме скрининг мамографија и мамографија која се прави за дијагностички цели. Има доволно термини, сега толку се можностите колку се пуштени термини. Се надевам дека понатаму ќе имаме поголеми можности, изјави д-р Маја Јакимовска Димитровска, член на Националната комисија за скрининг на рак на дојка.
Поддршка на пациентките со рак на дојка за подобри услови, дијагностика и терапија даваат и онколози од Клиниката за онкиологија.
– Не се сами во борбата, тука сме со нив и максимално ги поддржуваме зашто нивната борба е и наша борба. И ние се соочуваме со недостаток на лекови и со недостаток на термини за дијагностика. Тоа не е во рацете само на Онкологија како институција, туку е дел од здравствениот систем за кој се надеваме дека ќе го подобриме, изјави д-р Гордана Петковска, Клиника за онкологија.
Иако речиси секојдневно се дијагностицираат новозаболени од рак на дојка, точната бројка не се знае бидејќи во Македонија се уште нема официјален регистар за канцер пациенти. Според податоците од ИЈЗ лани починале 346 жени, а претпоставките се дека имало помеѓу 1000 -1200 новооткриени случаи.
На денешниот настан за подигнување на свесноста за превенција од рак на дојка организиран од здружението Хема – Онко присуствуваше и дадее своја подршка претседателката Гордана Силјановска Давкова.