Пацоли: Подготвени сме за дијалог, но само како две независни држави

14

Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли, коментирајќи го соопштението од групата „Квинта“ (петорка), истакна дека Приштина е подготвена, како и секогаш за преговори со Србија, но само како две независни држави.

Пацоли рече дека надворешната политика на Косово секогаш била координирана и во согласност со ставот на стратешките партнери САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија, и тоа од почетокот на 90-те години од минатиот век.

-Нашата државност се заснова на западна ориентација и ја поздравуваме посветеноста на сите земји од Квинтата да се нормализираат односите меѓу Косово и Србија, истакна Пацоли.

Тој потенцира дека Косово секогаш било посветено на продолжување на дијалогот.

– Бевме подготвени да ги продолжиме разговорите, но Србија својата столица ја остави празна и постојано предизвикува инциденти и агресија во Косово, напиша Пацоли на Фејсбук.

Амбасадите на петте највлијателни држави акредитирани во Косово, познати како „Група Квинта“, преку заедничко соопштение објавено од страна на американската амбасада, ги повикаа Приштина и Белград да ги избегнат дејствијата кои би го попречиле постигнувањето конечен договор, кој, како што се наведува, „е неопходен за нивна поголема евроатлантска интеграција и за придобивките од тоа“.

Дипломатските претставништва ја нагласуваат готовноста на нивните земји да ги зајакнат напорите во поддршка на процесот на Европската унија, која посредува во преговорите меѓу Косово и Србија.

– За Косово ова подразбира укинување на таксата воведена кон Србија. За Србија, ова значи прекинување на кампањата за повлекување на признавањата на косовската независност, се заклучува во заедничката декларација на петте западни амбасади.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.