Пад на цените на акциите на Волстрит за над еден отсто

26

На Волстрит цените на акциите во вторникот паднаа за повеќе од еден отсто, по четири дена раст, бидејќи инвеститорите ги загрижи забавувањето на растот на кинеската економија, но и новото намалување на процените на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за глобалниот раст, вторпат во три месеца.

Индексот Dow Jones се лизна за 1,22 отсто, на 24.404 поени, додека S&P 500 индексот потона за 1,42 проценти, на 2.632 поени, а индексот Nasdaq падна за 1,91 отсто, на 7.020 индексни поени.

Минатата седмица овие индекси растеа четири дена со ред, додека во понеделникот во САД поради празниците не се работеше. А во понеделникот светските берзи паднаа откако беше објавено дека кинеската економија минатата година пораснала за 6,6 отсто, најбавно во последните 28 години. Истиот ден своите процени ги намали и ММФ, па сега очекува дека глобалната економија годинава може да порасне за 3,5 отсто, додека во октомври предвидуваше раст од 3,7 отсто.

„По две години солиден раст, светската економија расте побавно отколку што се очекуваше, а ризиците растат. Дали тоа значи дека глобалната рецесија е зад аголот? Не. Но ризикот од поострото забавување на растот на глобалната економија сигурно се зголемил“, изјави Кристин Лагард, челничката на ММФ.

Тоа е веќе второ намалување на процената на ММФ во последните три месеца, а пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос беше објавено и истражувањето на ревизорската компанија PwC, во кое се анкетирани 1.400 извршни директори на компании во светот, а коешто покажа дека 29 отсто од нив веруваат дека растот на глобалната економија ќе забави следните 12 месеци, што е најголемото ниво на песимизмот од 2012 година.

„Има многу негативни вести во врска со глобалната економија и Кина, а денеска објавените деловни извештаи на компаниите тоа не можеа да го амортизираат“, вели за Reuters Чак Карлсон, директор во компанијат „Horizon Investment Services“. Тој и следните денови очекува нестабилно тргување. „Оваа седмица многу компании ќе ги објават деловните извештаи, па очекувам битка меѓу заработката на компаниите и перцепцијата за тоа што се случува во Кина и на глобалниот пазар“, вели Карлсон.

Сезоната на објавување на кварталните деловни резултати на американските компании го поддржува пазарот. Досега околку 12 отсто од составот на S&P 500 индексот ги објавија резултатите за четвртото ланско тримесечје, при што 78,7 отсто ги натфрлија очекувањата на аналитичарите. Меѓутоа, впечаток е дека прагот е поставен многу ниско, што им овозможува на компаниите да го надминат, а тоа пак му дава поткрепа на пазарот на акциите.

Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека заработките од составот на индексот S&P 500 ќе бидат во просек поголеми за 14,1 отсто во однос на истиот период една година претходно. Тоа значи дека се очекува забавување на растот на заработките, бидејќи во претходните квартали растеа по стапка поголема од 20 отсто. Така, од 11-те најважни секотир на индексот S&P 500 во вторникот цените на акциите паднаа во 10 од нив, а благо пораснаа само во комуналниот сектор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.