Пад на популарноста на Салвини по избувнувањето на кризата, но уште е во значително водство

Лидерот на италијанската десница Матео Салвини загубил на популарноста поради предизвикувањето на политичката криза, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мнение објавени во петокот.

Партијата Лига, чиј челник е вицепремиерот и министер за внатрешни работи на заминување Матео Салвини, има поддршка од 31,3 отсто од избирачите, покажуваат резултатите од анкетата којашто ја спровел институтот Tecne, а ги побјави порталот scenaripolitici.com. Во претходната анкета објавена на 6-ти август, Лига имаше поддршка од 38 отсто од гласачите.

Во истиот период антиестаблишмент Движењето пет ѕвезди (М5Ѕ) ја зголемила поддршката од 17,5 на 20,8 отсто. Исто така, пораст на рејтингот бележи и левичарската расцепкана Демократска партија (PD), од 22,4 на 24,6 отсто.

Демократската партија и Движењето пет ѕвезди се двете партии кои ќе се обидат да формираат нова влада на Италија, а подоцна во петокот ќе го одржат првиот круг од меѓупартиските консултации. На нив треба да бидат надминати повеќе значајни прашања, меѓу кои е и условот на PD за повеќе проеврпска политика од страна на М5Ѕ.

Нивното коалицирање се смета за единствената алтернатива за да се избегнат предвремените парламентарни избори оваа есен, на коишто според анкетите, сепак, би победила Лига, а Матео Салвини би го добил мандатот за составување влада.

Челникот на PD, Никола Ѕингарети доцна вечерта во четвртокот рече дека „дефинитивни треба да почнеме да работиме“ на листата од десетте приоритетит кои ги предложи лидерот М5Ѕ, Луиџи Ди Мајо.

Ди Мајо во петокот за миланскиот дневен весник Corriere della Sera рече дека „првата точка“ е прифаќањето на нацртот за уставната реформа за намалување на бројот на пратениците во италијанскиот парламент. Неговата партија, формирана како протесно движење коешто меѓу другото ги критикуваше и италијанските политички институции како прегломазни и кроумпирани, оваа реформа ја смета за клучна. Уште кога се надѕираше распадот на коалицијата меѓу М5Ѕ и Лига, Салвини навести дека неговата партија може да се согласи со ваквата реформа.

За решавањето на политичката криза во Италија ќе одлучува претседателот Серџо Матарела кој мора да оцени дали ќе именива нова влада или ќе го распушти парламентот и ќе распише предвремени избори. Во четвртокот, по првиот круг консултации со политичките челници, изјави дека ќе одржи уште еден круг, во вторник, по што ќе ги „донесе заклучоците и потребните одлуки“.