Пaдна договор меѓу приватните болници и Филипче: „Систина-Мала Богородица“ ќе биде нова инфективна болница со 100 кревети

Стариот објект на „Систина – Мала Богородица“ во Скопје ќе биде претворен во нова инфективна болница со сто кревети. Ова е предлогот што произлезе по вчерашната средба на министерот за здравство Венко Филипче со сопствениците на приватните болници „Аџибадем Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“ и за кој се очекува на утрешниот состанок да се донесе конечен став.

Идејата е во овој објект да се обезбедат 100 кревети, пет доктори, 30 медицински сестри, 10 болничари. Кадарот ќе го обезбедат „Аџибадем Систина“ и Клиниката „Жан Митрев“ со по 40 отсто, а болницата „Ре-медика“ ќе учествува со 20 отсто.

Се разговара за начинот на кој Фондот за здравствено осигурување ќе го компензира трошокот за лекувањето на пациентите кои ќе се сместуваат во овој објект иако однапред е јасно дека компензацијата нема да биде доволна за да се покријат сите трошоци за да се обезбеди врвна нега што значи дека приватните болници на некој начин ќе го донираат лекувањето на пациентите со ковид-19.

Во старата зграда на „Систина“ се планира итно за неколку дена да се обезбеди греење и централен довод на кислород до секој кревет, како и рендген апарат, ЕКГ апарат и друга опрема, што претставува сериозна инвестиција, која најверојатно ќе ја поднесат приватните болници. Благодарение на тоа, пак, земјава ќе добие уште една врвна Инфективна болница.

Министерот Филипче вчера соопшти дека имал конструктивна средба со сопствениците на приватните болници „Аџибадем Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.

„Приватните болници изразија позитивен став во однос на користење на нивните ресурси од страна на државата за справување со пандемијата. Со оглед на тоа што за првпат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравстевени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од Министерството и приватните болници“, соопшти вчера Филипче.

Претходно, Клиниката „Жан Митрев“ соопшти дека се става на располагање во ковид-битката, но дека во клиниката нема слободни кревети и има листа на чекање, која секојдневно се зголемува.

Според Законот за управување со кризи, член 33, во прогласена кризна состојба Владата управува со државните, но може да побара да управува и со приватни ресурси и ресурси во сопственост на граѓаните. Според Ставот 3, „Дневниот надоместок за користење на ресурсите изнесува до 30% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена од Државниот завод за статистика во месецот пред давањето на ресурсите, а надоместокот за нивно оштетување или уништување не може да биде помал од пазарната вредност на средството, што истото ја имало во времето кога е оштетено или уништено, определена врз основа на елементите со помош на кои според обичаите во зависност од времето и местото на пазарот се утврдува пазарната цена“.

Во Ставот 5 од истиот член се додава дека „Поблиски прописи за видот на ресурсите, за начинот на водењето на евиденцијата и за поблиско определување на висината на надоместокот за нивно користење, оштетување и уништување донесува Владата.“