Падна првата жртва – Изборите зачинети со убиство

Носителот на независната кандидатска листа за Кичево, Алит Абази кој беше застрелан на 26 септември, годинава, во центарот на градот, починал утрово на скопските клиники, дознава Нетпрес.

Во инцидентот покрај него, беа ранети и шефот на неговиот изборен штаб Дестан Абдиу и Шабан Далипи, кои исто така се во болница.

Мотивите за неговото убиство се’ уште не се разјаснети, но, сепак, крвавиот настан се случи во тек на изборна кампања, што говори дека претстојните локални избори сепак нема да поминат без нерегуларности, ако се земе во предвид фактот дека веќе се случија и други дузина насилства и физички пресметки. 

Покрај убиството, дел од инцидентите кои во голема мерка го нарушија демократскиот амбиент пред изборите се и скршени и оштетени партиски штабови, претепан политичар, како и полициска бруталност кон еден од кандидатите за градоначалник.

Крвнички, со метални и дрвени прачки, завчера попладне, беше претепан Елвис Бајрам, актуелен градоначалник на скопската општина Шуто Оризари и кандидат за прв човек на оваа општина на претстојните локални избори.

Имено, пред почетокот на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, во насилен претрес при влез во Скопје, полициски службеници му вперија пиштоли во глава на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Кавадарци, угледниот бизнисмен Митко Јанчев.