Падна тужба на покоен сведок против обвинет во „Моќник”

Скопскиот основен суд ја одби тужбата на лустрираниот судија Драги Билески кој тврдеше дека пратеникот Антонијо Милошоски мислел на него и со тоа го наклеветил кога на ТВ Телма во март 2017, во реплика на Оливер Спасовски изјавил: “Вие сакате од тој судија и УДБАШ да направите жртва”, пишува Експрес.мк.

Откако во два наврати Основниот суд во Скопје утврдил дека Милошоски не направил навреда и клевета судот одлучил дека тужбата се одбива како неоснована.

Судијата Драги Билески од Кичево, сега покоен, беше еден од главните сведоци на СЈО против Антонијо Милошоски и Томе Аџиев во случајот „Моќник”.

По неговата смрт лани во приватниот процес против Милошоски го застапувал неговиот правен наследник.

Со евентуална осудителна пресуда по тужбата на Билески обвинителката Фатиме Фетаи која го гони Милошоски во случајот Моќник ќе имаше посилна позиција во процесот кој го започна СЈО откако истече законскиот рок. Вака обвинителството е во хендикепирана состојба состојба затоа што Милошоски не е осуден по тужба на сведок на Фетаи.

Во случајот Моќник СЈО тврди дека лустрацијата на судијата Билески била нарачана од Милошоски.

Наспроти Фетаи членовите на тогашната Комисија за верификација на фактите тврдат дека истиот со 10 гласа ЗА и 1 воздржан е лустриран врз основа на оригинални документи од Државниот архив во кои се потврдува соработката на судијата со Службата за државна безбедност во периодот од 1979 до 1989 година.

Судијата Билески чија тужба е одбиена беше еден од главните сведоци во случајот “Моќник” заедно со пратеникот и сопственик на Пуцко Петрол Исмаил Јахоски и екс градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта, двајца високи функционери на ДУИ.