Паднаа првите жртви во Боливија по оставката на Моралес, парламентот не може да ја почне важната седница

Најмалку две лица загинале во боливиската престолнина Ла Паз во вторникот во текот на протестите кои започнаа по оставката на претседателот Ево Моралес, објави на својата интернет страница весникот Razon, откако претходно беше јавено за најмалку шест лица ранети од огнено оружје во градот Кочабамба.

Жртвите биле идентификувани како Белтран Аруна и Перс Конда, чиишто тела со рани од куршуми биле пронајдени во јужниот дел на Ла Паз. „Не знаеме кој го сторил тоа, полицијата или демонстрантите, сакаме да се спроведе истрага“, рекла сестрата на Конда.

Претходно во вторникот шефицата на регионалниот оддел за вонредни ситуации во сферата на јавното здравство, Валерија Камачо, за агенцијата ABI потврди дека најмалку 12 лица се повредени во безредијата и судирите меѓу приврзаниците и противниците на сега веќе поранешниот претседатал Ево Моралс во градот Кочабамба во централна Боливија. Според неа, три лица биле донесени во болниците со прострелни рани, а други тројца имале повреди, исто така, нанесени со огнено оружје.

И по оставката на целото раководство на Боливија, во земјата продолжуваат безредијата, подметнувањата пожари во приватни домови и јавни институции, напади врз домовите на функционери, главно во поголемите градови како Ла Паз, Кочабамба и Санта Круз.

Сојузот на синдикатите на Боливија во вторникот им даде на властите рок од 24 часа да го вратат мирот во земјата, заканувајќи се дека ќе започнат со генерален штрајк на неодредено време до воведувањето на редот на улиците.

Истовремено двата дома на Повеќенационалното законодавно собрание (парламентот) на Боливија не можат да ја започнат вонредната седница посветена на политичката криза и оставката на претседателот Ево Моралес, пренесува телевизијата Unitel.

Почетокот на заседанието на Пратеничкиот дом (долниот дом) било планирано за 15 часот по локално време, 21 часот по македонско. Според емитуваните снимки, салата во која треба да се одржи пленарната седница и натаму е речиси празна. Според телевизијата, во салата нема ниеден пратеник од партијата Движење кон социјализам, која има мнозинство во двата дома.

Седницата на Домот на сенаторите (горниот дом на парламентот), требала да започне во 15,15 часот по локално време. И снимките од оваа пленарна сала покажуваат дека таа е безмалку празна. Сентаторите треба да ја разгледаат оставката на спикерот Адријан Салватер и да го изгласаат новиот. Според прописите, оваа позиција треба да ја заземе втората потпретседателка на Сенатот, опозиционерката Жанин Ањес. Доколку нејзината кандидатура биде одобрена, таа ќе биде првата во редот функционери кои може да ја извршуваат позицијата вршител на должноста шеф на државата. Исто така, треба да распише нови претседателски избори кои би требало да се одрат во рок од 90 дена.

Претходно Бети Јаникес, челничка на пратеничката група на Движење кон социјализам, изјави дека пратениците бараат безбедносни „гаранции за учество на седницата“. „На плоштадот (пред парламентот) и натаму има барикади, а Луис Фенрандо Камачо јавно изјави дека ги повикува луѓето денеска да излезат на плоштадот“, рече таа на прес-конференција. Истовремено Јаникес истакна дека пратениците на Движењето кон социјализам се „подготвени да работата за уставно решение“ на кризата.