Падот на економијата во ЕУ најголем по Втората светска војна, најзадолжена Грција

Јавниот долг во Европската унија и еврозоната нагло се зголеми во вториот квартал поради зголемените потреби за финансирање на земјите за ублажување на ефектите од пандемијата на корона вирусот, се вели во последниот извештај на Евростат.

На ниво на ЕУ, јавниот долг, изразен како учество во БДП, се искачи на 87,7 проценти во вториот квартал, од 79,4 проценти во првите три месеци од оваа година. Во еврозоната скокна од 86,3 на 95,1 процент.

Во периодот од април до јуни, во целост дојде до израз зголемената потреба на земјите од ЕУ за финансирање како би се потиснало ширењето на пандемијата на коронарниот вирус и ублажување на економските последици од мерките за затворање, забележува Евростат.

Уделот на јавниот долг во БДП нагло се зголеми заради големиот пораст на јавниот долг и падот на БДП, посочуваат европските статистичари.

Најголем јавен долг, мерен според учеството во БДП, од 187,4 проценти, на крајот од јуни има Грција. Следуваат Португалија со 126,1 процент, Белгија (115,3), Франција (114,1), Кипар (113,2) и Шпанија со 110,1 процент, според проценките на Евростат.

Најниско ниво на јавен долг, од 18,5 проценти, забележа Естонија. Следат Бугарија и Луксембург со 21,3, односно 23,8 проценти.

Во споредба со крајот на март, јавниот долг, изразен како учество на БДП во Кипар, скокна најмногу, за 17,1 процентни поени. Следува Франција со пораст од 12,8 проценти, следена од Италија со 11,8 проценти. Шпанија е исто така во групата со 11,8 проценти, како и Хрватска и Белгија, каде учеството на јавниот долг во БДП на крајот на јуни беше за 11 проценти поголемо отколку на крајот на март.

Во споредба со крајот на јуни минатата година, учеството на долгот во БДП се зголеми во сите земји на ЕУ, освен во Ирска, каде што се намали за 0,3 процентни поени. Најмногу се зголеми во Франција, за 14,9 проценти. Следува Белгија со 12,9, Италија со 11,9 и Шпанија со 11,7 проценти. Во Хрватска, тоа се зголеми за 9,4 процентни поени, што речиси се изедначи со Естонија.

Најнизок раст на учеството во однос на вториот квартал од минатата година забележаа Шведска и Бугарија, за еден, односно 1,4 процентни поени, покажува извештајот на Евростат.