Пахор: Прашањето со Бугарија да се решава без да се загрози почетокот на Меѓувладината конференција

Словенечкиот претседател Борут Пахор на заедничката прес конференција со претседателот Стево Пендаровски порача дека Скопје и Софија треба да најдат заедничко решение за меѓусебниот проблем на начин што нема да биде доведено во прашање одржувањето на меѓувладината конференција со ЕУ.

„Ја разбираме комплексноста на прашањата меѓу две соседни држави. Ги разбирам и одговорностите и посветеноста која двете земји ја имате кон ЕУ, да најдете начин прашањето коешто се појави во последен момент, да се реши без да се одложи почетокот на Меѓувладината конференција“, порача Пахор.

Словенечкиот претседател потсети на искуствата што неговата земја ги имала на патот пред зачленувањето во ЕУ, но и потоа, кога била во позиција да биде блокирана, но и да блокира некоја држава и ги повика двете страни да најдат што е можно поскоро договор за отворените прашања, бидејќи, како што кажа, одложувањето дополнително ќе го усложнува решавањето на проблемите.