Пахор во посета на Белград

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска ќе престојува во Белград на разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ, како дел од подготовките за претстојниот Самит Брдо-Бриони. Пред самитот во понеделник во Брдо кај Крањ, Пахор планираше да се состане со претседателите на сите земји учеснички во Процесот, кој ги обединува земјите од Западен Балкан, Словенија и Хрватска. Тој вчера во Приштина разговараше со косовската претседателка Вјоса Османи, а во септември се состана со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во март со тричленото претседателство на БиХ, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ.

Во минатата недела тој разговараше одделно со претседателите на Црна Гора и на Албанија, Мило Ѓукановиќ и Илир Мета, а неговите одделни разговори со лидерите на земјите учеснички ќе ги заврши в недела во Блед со средба со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој исто така е ко-претседавач на процесот Брдо-Бриони. Самитот Брдо-Бриони требаше да се одржи минатата година на десетгодишнината од иницијативата, најпрво на пролет, а потоа на есен, но тој беше одложен двапати поради пандемијата на ковид-19.

Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2010 година од тогашниот словенечки премиер Борут Пахор за зајакнување на меѓусебната доверба и помош на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ. Од 2013 година, состаноците се одржуваат еднаш годишно, секоја година во различна земја. На самитот в понеделник, лидерите на земјите учеснички ќе ја одбележат 10-годишнината од започнувањето на Иницијативата и, како што е најавено, „ќе ја реафирмираат и зајакнат заложбата за продолжување на процесот на проширување на ЕУ“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.