Пакистанец под истрага за наводно убиство на мигранти на македонската граница

252

Мигрант од Пакистан е лицето за кое босанската полиција информираше дека е уапсено за наводното петкратно убиство на мигранти во Македонија, изјавија за НетПрес од полицијата на Унско-санскиот кантон. Пакистанецот е се уште во притвор, а истрагата за случајот трае за да се утврди за што станува збор.

Медиумите во регионот пред неколку дена ја објавија информацијата која во Дневникот на Телевизијата на Унско-санскиот кантон ја изнесе главниот полициски инспектор Мујо Коричиќ, според кого, полицијата во Бихаќ пред 20 дена уапсила мигрант осомничен за петкратно убиство во Македонија. Од македонското МВР информираа дека такво убиство не е евидентирано.

На 28.09.2018 во Полициската станица Бихаќ беше пријавено дека има конфликт меѓу повеќе мигранти сместени во ученички дом во градот. Откако дошле на местото на настанот, полициските службеници воспоставиле ред и мир по што било утврдено дека настанала тепачка меѓу група мигранти со мигрантот А.Х.(22) од Пакистан. Сите учесници на овој настан тврделе дека се очевидци на убиството на повеќе мигранти некаде на границата меѓу Грција и Македонија, како и дека А.Х. е еден од неколку мигранти кои учествувале во повеќекратно убиство, изјави портпаролот на МУП на УСК, Снежана Галиќ.

Според неа, за ова е известен надлежниот кантонален обвинител, кој наредил на криминалистичката полиција да спроведе истрага и кои ги интервјуирале сите мигранти и направиле записник за сослушувањето на сведоците.

За A.Х., осомничен за повеќекратно убиство, е побарано од Службата за работи со странци истиот да се премести во Центарот за мигранти во Делиаш до завршување на истражните активности. Од Интерпол Македонија добивме негативен одговор, односно дека во Македонија таков настан не е евидентиран. Истрагата по наведениот настан е во тек и ја спроведуваат инспектори од Секторот за криминалистичка полиција при МВР на УСК, изјави Галиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.