Палестинците на Западниот брег ќе добијат пошта со осум години задоцнување

Палестинците на Западниот брег (од реката Јордан), кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од страна на Израел во „Шестдневна војна“ од 1967 година, ќе примат наскоро специјална достава со повеќе од 10 тони пошта, којашто израелските власти ја задржувале последните осум години.

Вработените во поштата последните денови распоредувале илјадници торби со писма и пакети во градот Ерихон на Западниот брег откако израелските власти дозволиле нивно влегување од соседен Јордан.

Десет и пол тони пошта се задржани во Јордан од 2010 година, бидејќи Израел не сакал да дозволи директна пратка за Палестинската самоуправа на Западниот брег, истакнаа палестински извори.

Поштата за палестинските енклави Западниот брег и Појасот Газа, територии чиишто граници се под контрола на Израел, прво мора да минат низ оваа држава, што ѝ овозможува да спроведува безбедносна проверка.

Израелските власти истакнаа дека овозможеното доставување на поштата е еднократен гест, а дека во моментов се работи на спроведување на договорот од 2016 година со кој меѓународната пошта ќе може директно да стасува на Западниот брег.

Во поштата во Ерихон меѓу распределуваните предмети била и инвалидска количка, како и играчки. „Има играчки за деца. Можеби имале само една година кога се испратени овие подароци. Сега имаат осум“, вели Рамадан Гавази, вработен во поштата.

„Формирана е група од Ерихон за да им ја достави на луѓето поштата што поскоро“, изјавил Хусеин Сафавта, управител на палестинската поштенска служба. Но Гавази предупредува дека некои од пратките нема да може да бидат доставени, бидејќи нивната содржина „истекла“ од оштетените коверти и кутии, додека на некои адресите се нејасни.