Палестинците не постојат, тврди израелски министер

Израелскиот крајно десничарски министер за финансии Безалел Смотрич го негираше постоењето на палестинскиот народ и рече дека станува збор за измислен концепт пред најмалку сто години, во коментарите искажани во неделата вечерта во Париз.

„Не постојат Палестинци, бидејќи не постои палестински народ“, рече Смотрич на настанот во француската престолнина, истакнуваат во понеделникот медиумите.

Концептот, како што тврдел Смотрич, го измислиле „некои Арапи во регионот за да се борат против ционистичкото движење“. Додал дека „оваа историска вистина“ мора да се слушне ширум светот, вклучително и во Белата куќа во Вашингтон.

„Не постои палестинска историја. Не постои палестински јазик“, продолжил Смотрич во обраќањето на хебрејски јазик во кое додал дека луѓето како него и неговите дедовци и баби се „вистински Палестинци“ и истакнал дека неговото семејство живее во регионот веќе тринаесет генерации.

Палестинското министерство за надворешни работи реагираше во понеделникот на „запаливите изјави“ на Смотрич. Изјавата ја нарече „расистичка, фашистичка и екстремистичка“ и предупреди дека таа „поттикнува натамошна ескалација“ во регионот.

Коментарите на Смотрич дојдоа истовремено додека во неделата во Египет се водеа преговорите меѓу палестинските и израелските функционери за сузбивање на растечкото насилство на вториот такво состанок за помалку од еден месец,.

Функционерите ветиле дека ќе работат на деескалација на насилствата пред почетокот на светиот муслимански месец на постот рамазан. Претходните години избувнуваа судири меѓу израелските сили и Палестинците кај едно од најсветите муслиманските места ерусалимската џамија Ал Акса на кулминацијата на рамазан, која оваа година се совпаѓа со еврејската Пасха и католичкиот Велигден.