Палестинскиот претседател го нарече американскиот амбасадор „кучкин син“

Претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во понеделникот го нарече „кучкин син“ американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Мелех Фридман, во контекстот на тензиите меѓу палестинското претседателство и американската администрација.

Оваа изјава доаѓа во пресрет на скорешното претставување на мировниот план меѓу Израел и Палестинците, кој го подготвува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

По неколкуте одлуки, коишто според Палестинците, го покажале отворениот произраелски став на администрацијата на Трамп, палестинската управа објави дека САД самите се дисквалификувале од улогата на посредник во речиси замрените израелско-палестински мировни преговори. Односите меѓу Американците и Палестинците, вжештени по одлуката на Трамп да го спроведе со децении игнорираниот закон за признавање на Ерусалим за главен град на Државата Израел и за преселување во овој град на амбасадата на САД, го доведуваат во прашање можното покренување на споменатиот американски план.

„Американскиот амбасадор во Тел Авив е доселеник и кучкин син“, изјави Абас во говорот во Рамала, кога предупреди на американската политика кон израелско-палестинскиот судир.

Фридман претходно беше адвокат на Трамп, а во мај 2017 година стана американски амбасадор во Израел. Од претходно познати се неговите изјаснувања во полза на израелското населување на териториите кои меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински територии од страна на Израел во текот на ткн Шестдневна војна во 1967 година.

Фридман, исто така, е жесток поборник на признавањето на Ерусалим за главен град на Израел и со тоа преселување на амбасадата на САД во Светот град што предизвикува огорченост во арапскиот и воопшто муслиманскиот свет. Според најавите, тој кон крајот на мај, по повод 70-годишнината од воспоставувањето на Државата Израел, треба да стане првиот американски амбасадор со резиденција во Ерусалим.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.