Палестинскиот претседател се сретна со израелскиот министер за одбрана

Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абаз, се сретнал со израелскиот министер за одбрана Бени Ганц доцна во неделата, што е прва средба на палестинскиот челник со високопозициониран член на владата на Израел во последите неколку години.

Средбата меѓу Ганц и Абаз се одржала во Рамал, седиштето на Палестинската самоуправа во енклавата Западниот брег на реката Јордан, а разговарале за безбедносната политика како и за цивилните и економските прашања, потврди кабинетот на израелскиот министер за одбрана.

Ганц објави на Twitter дека му кажал на Абаз дека Израел сака да донесе мерки за јакнење на палестинската економија, а соговорниците се договориле да ги продолжат разговорите.

Шефот на израелската безбедносна агенција Когат, Гасан Алијан, и првот човек на палестинската разузнавачка служба, Маџит Фарај, исто така, биле присутни на средбата, потврдиле од кабинетот на Ганци. Меѓутоа, на крајот од состанокот Ганц и Абаз разговарале насамо.

Станува збор за прва средба во последните речиси десет години на претставници на Израел и на Палестинската смоуправа на толку високо ниво.

Кусо пред состанокот, израелскиот премиер Нафтали Бенет се врати од Вашингтон каде што се сретна со американскиот претседател Џо Бајден.

Израелско-палестинските мировни преговори со посредување на САД тапкаат во место од 2014 година. Откако Бајден влезе во Белата куќа во 2020-та Абаз порача дека е расположен за повторно покренување на блискоисточниот мировен процес, чија цел би било решението со „две држави“, односно независна палестинска држава.

Меѓутоа, нови преговори во блиска иднина се малку веројатно. Бенет е челник партијата Јамина, која ги поддржува израелските доселеници на Западниот брег и се противи на воспоставувањето палестинска држава.

Портпаролот на исламистичкото движење Хамас кое САД, Израел и ЕУ го сметаат за терористичка организацја и коешто владее во другата палестинска енклава Појасот Газа, ја критикуваше средбата на Абаз и Ганц како „продолжување на илузиите“ дека е можно помиување со Израел. Дијалогот со Израел ќе ги продлабочи палестинските поделби, додаде портпаролот, повикувајќи на отфрлување на нормализацијата на односите со „окупациската сила“.