Специјалниот претставник на американскиот државен секретар за Западен Балкан, Метју Палмер, ја потврди силната поддршка на САД за интегративните процеси на земјава. По средбата со премиерот Зоран Заев, високиот официјален претставник на САД изјави дека ќе им порача на европските партнери дека местото на Македонија е во Европската Унија.
„Ја реафирмиравме поддршката на САД за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и европската перспектива. Ова е нешто што јасно го кажавме овде во Скопје и ќе продолжиме да го истакнуваме јасно на нашите европски партнери “, рече Метју Палмер.
Палмер рече дека САД очекуваат земјава наскоро да стане 30 – та членка на НАТО. Тој, исто така, ја истакна важноста за целосната имплементација на Преспанскиот договор.
„Продолжуваме да го поддржуваме Договорот од Преспа кој е важен за стабилноста на регионот и ќе продолжиме да го поддржуваме неговото спроведување“, рече Метју Палмер, САД .
Премиерот Заев како што известија од Владата, го информираше високиот претставник на САД за реформските процеси, меѓуетничките и меѓусоседските односи. За време на тридневниот престој во Скопје, Палмер се сретна со државните челници и политичките лидери. Тој во Скопје се сретна и со амбасадорите на САД од Западен Балкан, со кои, како што кажа, разговарал за регионалните прашања.