Палмер во Белград на средби и со српската опозиција

19

Американскиот заменик помошник државен секретар и специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, Метју Палмер, како што соопшти американската Амбасада во Белград, денес имаше разговори со „лидерите на широк спектар политички партии во Србија“, потенцирајќи ја важноста за учество во демократски дебати.

Како што јави дописникот на МИА, претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, претходно денес објави на својот твитер профил дека на Палмер му ги подарил насловните страни на српските таблоиди, на кои неговите фотографии се заменети со фотографии на Палмер. Ѓилас кажа дека неговата намера била „конечно да се разбере во која диктатура“ живееле граѓаните и на каква сатанизација се изложени лидерите на опозицијата.

Претседателот на Демократската партија (ДС) Зоран Лутовац изјави дека на состанокот со Метју Палмер говорел за потребата од создавање услови за слободни и фер избори во Србија.Тој кажа дека му ја пренел на Палмер потребата да се изготви сеопфатен договор за изборните услови, врз основа на предлозите дадени од независни експерти во име на граѓаните кои протестираат, кои би можело да бидат унапредени со предлози од невладините организации Цесид, БИРОДИ, Транспарентност и ЦРТА и кои би се применувале девет месеци пред изборите.

Лутовац рече дека е потребно да се обезбедат механизам за контрола на спроведувањето на договореното.

-Граѓаните не се информирани, тие гласаат под уцена и притисок, а нерегуларностите не се санкционирани. За да имаме слободни избори, потребна е слобода на медиумите, како и услови граѓаните да се изјаснат тајно и без притисок, но и администрацијата да го контролира целиот изборен процес. Само ако ова успееме да го смениме ќе можеме да имаме основни услови за изборна трка, рече Лутовац.

Тој повтори дека бојкотот не значи напуштање на изборите, туку дека бојкотот има за цел „да се избориме за она што ни припаѓа – за слободни и фер избори“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.