Панчевски: Македонија има судство на политички послушници!

Интересен развој на случувања во судството, така ја коментира денешната аудио бомба на Антонио Милошоски за вмешаноста на Зоран Заев во судските одлуки поранешниот судија Владимир Панчевски на својот Фејсбук. Тој дава поприлично интересни објаснувања.

„За оние што не веруваа на своите очи денес конечно со сопствените уши го слушнавме Зоран Заев како навистина го отворил судството како пупка. Еве мала анализа за распупеното судство и начинот на напредување со одлучување по политички нарачки:

„Предметот за Сеат Кочан во кој судијката Гордана Спиреска определи притвор по барање на СЈО сега по награда е член на Судскиот совет.

Судијата Лидија Трајковска Зимбовска која го осуди Сеат Кочан, сега со последниот избор на судии во Апелациониот суд Скопје е унапредена во тој суд. А како политичка награда, со истиот избор напредуваше и судијата Ѓоко Ристов, кој за насилство го опомена Курто Дудуш градоначалникот на Заев од Шутка.

Предметот во Апелациониот суд го потврдија судиите Сафет Кадрии и Цветанка Периќ кои исто така дадоа можност за жалба пред Врховниот суд, за истите беше поведена постапка пред Судскиот совет што на Кочан му дале право на жалба, но Судскиот совет ја запре постапката за нив и подоцна се унапредени за судии во Врховниот суд.

Против судиите во Врховниот суд кои одлучуваа за предметот на Кочан и тоа Јово Вангеловски, Ристо Катавеновски, Фаик Арслани, Џемали Саити, Рахилка Стојковска и Ќиро Здравев, пак, се случи интересна ситуација. Судијата Ќиро Здравев е унапреден во претседател на Судскиот совет, судијата Фаик Арслани е в.д. Претседател на Врховниот суд, а судијата Џемали Саити за кратко ќе добие втор мандат како претседател на Здружението на судии, каде десна рака ќе му биде Петра Кабранова, ќерка на главниот уредник на 1ТВ Ацо Кабранов. Она што е интересно е што за сите овие судии од Врховен суд, Судскиот совет за сите поведе постапка за разрешување, но на интересен начин постапката е запрена за унапредените, а разрешени се Вангеловски, Стојковка и Катавеновски, токму така како што Зоран Заев нарачува и се фали во денес објавената бомба!“

„Денешната бомба е доказ за судството на политичките послушници!“, вели Панчевски и констатира: „И сега како јас да очекувам позитивен исход по мојата жалба за моето политички нарачано разрешување од судија од оние во Судскиот совет!“