Пандемијата го влоши менталното здравје кај над 450 милиони луѓе, посочува Ротари клуб

Најновите истражувања посветени на менталното здравје укажуваат на фактот дека повеќе од 450 милиони луѓе во светот страдаат од нарушување на менталното здравје. Уште позагрижувачки е што околу 20 отсто од децата и адолесцентите имаат ваков тип на проблеми. Ова се наведува во извештајот на Светската здравствена организација, при што се вели дека дополнителен ризик-фактор беше пандемијата од Ковид-19, која предизвика и зголемување на проблемите со менталното здравје.
„Ротари Клуб Скопје Интернационал“ започна иницијатива за создавање на платформа на која отворено ќе се зборува за овие проблеми со цел да се посочи начинот за соодветна стручна помош за младите, но и за сите други заинтересирани за темата“, соопштија од оваа меѓународна организација.

Препознавајќи ја важност и потребата за ова да се говори јавно и стручно, „Ротари клуб Скопје Интернационал“ организираше отворени разговори, насловени „Криза на менталното здравје, знаеме ли што ни се случува? Пандемија во пандемија.“ Првиот на тема „Како да препознаете анксиозност?, со целна група-средношколската популација“. А, вториот, „Панични напади. Дали умот го владее разумот?“

Ротаријанците од целиот свет повеќе од 110 години работат на промовирање на позитивните вредности, солидарност и хармонија во светот. Ваков тип на активности се спроведуваат во преку 35.000 Ротари клубови ширум светот, а кај нас функционираат 20 клубови на Ротари, кои делуваат во различни области во насока на исполнување на своите цели.