Пандев од клупа ќе чека шанса да го боцне Милан

Саботните натпревари од 23. коло во италијанската Серија А, ќе поминат во знакот на големиот дерби натпревар помеѓу вечните ривали Наполи и Милан.

Двата тима немаат право на нов кикс, а фудбалските фанови истовремено ќе добијат шанса да уживаат во мајстрориите на аргентинскиот интернационалец, Гонзало Иигуаин и во тие на контроверзниот напаѓач на Милан, Марио Балотели.

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Горан Пандев, најверојатно и овој натпревар ќе го започне од клупата за резервни фудбалери.

“Не станува збор за некаков тест. Ние имаме обврска да зебележиме победа на секој натпревар, без разлика дали играме дома или на гости и без разлика на противникот. Ова е многу важен натпревар за нас. Вистински момент за да видиме каде сме, дали сме на вистинската патека”, изјави предводникот на “росонерите”, Кларенс Сидорф.

Фудбалерите на Фиорентина ќе се обидат да ја искористата предноста на домашниот терен во дуелот со секогаш незгодниот тим на Аталанта, додека улогата на фаворит нема да постои на првенствениот натпревар помеѓу екипите на Удинезе и Киево.