Пандев удри по ФФМ: Доста се криевте зад репрезентацијата, ако нема промени ќе се тргнам!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев ѝ објави војна на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска, најавувајќи дека ќе се тргне на страна ако клубовите не почнат да решаваат за најважните прашања во фудбалската федерација.

Пандев во објава на социјалните мрежи, како срамно и жално, го посочи македонскиот фудбал со фотографија од вчерашниот снежен и замрзнат терен на кој играше неговиот клуб Академија Пандев со Работнички (0-1), порачувајќи дека во ФФМ работат нефудбалски луѓе, кои работат само за личен интерес и само се кријат зад – успесите на репрезентацијата.

„Срамно и жално… Уште еднаш докажавте дека вие сте нефудбалски луѓе, луѓе што не му мислат добро на македонскиот фудбал, туку Ве интересираат само вашите лични интереси и затоа одлуките ви се вакви. Доста се криевте зад резултатите на репрезентацијата, сигурно паметот уште ви е во огромните премии што ги поделивте на наш грб, на грбот на репрезентацијата, што гиневме за македонскиот дрес. Излезете јавно и кажете што направивте за македонскиот фудбал за нашата (аматерска лига), колку им помогнавте на клубовите во овој тежок период. Спремен сум ако не се сменат некои работи, ако клубовите не одлучуваат во фудбалската федерација да се тргнам на страна“, објави Пандев.

Ова не првпат капитенот на македонската фудбалска репрезентација јавно да го прозве раководството на ФФМ, зашто пред пресметката со Косово, кога едвај успеа да излезе од карантинот во Џенова за да дојде да игра за националниот тим, фрли „огнени стрели“ кон ФФМ.

„Никој не ни крена да праша како е Горан, ама добро, веројатно се зафатени со градење на терени“, рече тогаш Пандев.

Пандев е последен во низа кој јавно го крена гласот против федерацијата и постојаното одбивање клубовите да добијат мнозинство за да решаваат за фудбалските прашања, нешто што ФФМ треба(ше) да го усогласи во својот статут со Законто за спорт, кој предвидува такво нешто, клубовите да се мнозинство во Собранието на ФФМ.