Пандев за мечот со Шпанија: Нема што да загубиме, ќе го дадеме максимумот

Капитенот на најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија, Горан Пндев, на прес-конференцијата ден пред натрпеварот изјави оти смета дека во дуелот против Шпанија нашата селекција нема што да загуби, напротив, ако сите го дадат максимумот Македонија може да направи и изненадување.

Во недела навечер, во 20,45 часот, на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, фудбалските репрезентации на Македонија и Шпанија ќе го одиграат меѓусебниот дуел од 6-то коло во квалификацискиите за пласман на Светскто провенство кое следната 2018 година ќе се игра во Русија.

Капитенот Пандев смета дека има простор за изненадување.

 

„Знаеме дека нѐ очекува тежок натпревар, играме против еден од фаворитите во нашата група. Ќе биде тешко, десетина дена тренираме и максимално сме подготвени. Нема што да загубиме, ќе се обидеме да го дадеме својот максимум“, истакна Пандев на денешната прес-конференција.

 

Горан Пандев, капитен на македонската фудбалска репрезентација
Горан Пандев, капитен на македонската фудбалска репрезентација

Додаде дека „црвената-фурија“ и под водство на новиот селектор Хулен Лопетеги игра одличен колективен фудбал, но како најдобар поединец го издвои Давид Силва како најопасен играч од составот на Шпанците, но вели дека и Илија Несторовски ќе ѝ прави проблеми на одбраната на „фуријата“.

 

„Шпанците негуваат офанзивен, технички фудбал… Како и претходно со истата филозофија продолжува и селекторот Лопетеги, но ако морам да издвојат поединец, мислам дека Давид Силва ќе биде најголемата закана за нашата одбрана. Се надевам дека преку контранапади можеме да ги изненадиме“, истакна Пандев.

 

Селектрот Игор Ангеловски порача дека неговите избраници ќе ја играат својата игра без разлика на противникот, па макар тоа била и Шпанија. Во пресрет на утрешниот мундијалски квалификациски меч Ангеловски порача дека нема да отстапи од офанзивната игра која „рисовите“ ја играат во текот на сите натпревари откако тој ја презеде репрезентацијата.

 

Игор Ангеловски, селектор на македонската фудбалска репрезентација
Игор Ангеловски, селектор на македонската фудбалска репрезентација

Игор Ангеловски, селектор на македонската фудбалска репрезентација

Ангеловски на денешната прес-конференцијата најави дека „црвено-жолтите“ се подготвени за предизвикот.

 

„Утре играме против репрезентација која е меѓу четирите најдобри во светот. Но, тоа не ме загрижува, бидејќи очекувам моите момци да го одиграат најдобриот натпревар. За ваков натпревар не е потребна мотивација. Не отстапувам од мојата офанзивна тактика и без разлика на противникот утре верувам дека ќе ни понудат нови причини за задоволство“, рече селекторот Ангеловски.

 

Македонија досега трипати играла пред своите гледачи против Шпанија и трипати загубила, а единствените голови ги постигна преку Горан Пандев на пријателскиот натпревар во кој „фуријата“ славеше победа со 2:3 пред шест години.

Шпанските новинари присутни на прес-конференцијата на македонската фудбалска репрезентација на која присуствуваа селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев, открија дека нивниот селектор Хулен Лопетеги го потенцира Илија Несторовски како најголема опасност по голот на „црвената фурија“.

 

„Не можам да му помогнам на Лопетеги ако е загрижен од нашиот тим и од Несторовски. Наша работа е да ја подготвиме добро средбата и да си ја завршиме добро работата. Имавме добра можност да ги анализираме Шпанците под Лопетеги, имаат само три нерешени натпревари и нивната игра е за почит“, изјави македонскиот селектор Ангеловски.

 

„Несторовски за нас е многу важен играч, селекторот Лопетеги е во право што смета дека токму Илија ќе прави проблеми на одбраната, и се надевам дека ќе постигне гол“, дополни капитенот Пандев.

 

На Шпанците кои вечерва ќе го одржат и единствениот тренинг пред утрешниот меч им пречи и подготвеноста на тревникот на арената „Филип Втори“.

На такво поставеното прашање од страна на шпанските новинари Ангеловски и Пандев одговорија дека тревникот е одличен и не треба противникот да се грижи за тоа, теренот е ист за двете селекции.