Пандов: СЈО е политичко обвинителство

Политичкиот аналитичар, Александар Пандов на денешната трибина во организација на институтот „Павел Шатев“ истакна дека граѓаните го доживуваат СЈО како Политичко Обвинителство, а не како Специјално Јавно Обвинителство.

Истакна дека вчера СЈО играло со стравот кај народот.

„Кога сакате да манипулирате со некој човек, кога сакате да манипулирате со некој народ вие го иритирате стравот. Ако можат раководители на најголемата политичка партија да бидат обвинети, ако можат главни уредници на медиумски куќи да бидат обвинети, ако можат судии и обвинители, тогаш што останува за обичниот свет, што останува за обичниот човек? Ако вие го наметнете тоа во јавноста, ако секој еден новинар, секој еден судија, секој еден обвинител, секој еден политичар, секој еден аналитичар кој што ќе говори се чувствува дека повторно може да биде таргет, во таков случај, нормално е дека луѓето ќе замолчат и ќе се повлечат“, посочи Пандов.

Вели дека кога народот е исплашен и кога живее во страв, тогаш многу лесно може да се промени името на државата, да се продаде националната историја бидејќи нема никој да изреагира.

Пандов повтори и дека во моментот е стопирано обвинението против Зоран Верушевски за прислушување со објаснување дека се бараат уште докази.

„Во оној момент кога излегоа разговорите, кога почна Заев да ги објавува во Македонија тргна акција за да се истражи од каде доаѓаат овие разговори. Се докажа дека повторно Верушевски како човек кој имал раководна позиција во полицијата, како по 2001 година, така и сега во 2015. Работел на тоа, да ги направи тие разговори. Имавме признание од еден од учесниците. Сега е стопирано обвинението против Верушевски, и се бараат се’ уште докази“, истакна Пандов.

Според него, она што во меѓувреме го видовме е политичката функција на СЈО, а тоа е на секој начин да се направи штета на раководните луѓе во ВМРО-ДПМНЕ, но и во новинарството, судството, обвинителството и бизнисот.

Пандов потенцира дека СДСМ е раководено од повеќе странски фактори, амбасадори, организации и спонзори кои ги менаџираат процесите и политиките на партијата.