Панов: Несфатлива е леснотија на решавањето историски прашања кои се исклучиво тема на науката

Многу лесно се постигнаа договори за заедничката историја за целиот овој период до XIX век, премиерот Зоран Заев се пофали дека ги решаваат пет личности и три поглавја од историјата и преостануваат другите. Не можам да ја разберам таа леснотија на решавање на историски прашања кои се предмет исклучиво на науката, изјави историчарот Митко Панов во вечерашното издание на емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизијата Алфа.

Панов посочи дека комисиите го надминале мандатот на политичките договори, бидејќи тие во договорот со Бугарија не се дефинирани, како и дека ако се погледне тој договор ќе се види дека тие немаат мандат да преговараат и дискутираат за учебниците или заедничка историја.

Тоа не се споменува во договорот. Тие беа направени да се утврди кои личности може заеднички да се чествуваат и толку. Комисиите го надминале мандатот на политичките договори.  Иако се повикуваат на праксата со Германија и Франција, таму е друга ситуација бидејќи не се базирани на политички договор туку само на работа на комисии. Многу работи се инволвирани кои според мене, некако се префрлија во работата на комисијата, особено делот на утврдување на заедничка историја што стана методологија, а видовме што значи тоа. Поимањето на заедничка историја за Бугарија подразбира дека тоа е бугарска историја“, истакна Панов.
Потенцираше дека Бугарија настојува да направи некаков анекс на договорот за да може да го примени моделот по догооворот со Грција, и тоа го прави по диктат на политиката и дека инсистира да го наметне својот национален наратив на Македонија, односно да прифати дека пред 1944 година Македонија и македонскиот народ немале сопствена историја, односно дека има заедничка историја или според нив бугарска историја.
„ Тука апсолутно нема наука. Научните аргументи се едни и не треба да бидат под диктат на политиката. Треба да бидеме ослободени од политика а сега се извртуваат тезите“, заклучи Панов.