Панова: Граѓаните немаа доверба во ДКСК, од 687 предмети решила само 100

Сите граѓани имаа премногу доверба во новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција бидејќи сметавме дека конечно ќе се придвижат работите и корупцијата ќе биде намалена, меѓутоа сведоци сме дека изминатиот период односно последните четири години наместо да се намали корупција, таа порасна, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова во гостување во емисијата Утрински брифинг.

Панова посочи дека високиот степен на корупција го потврдуваат и извештаите од кредибилни европски институции, укажувајќи дека корупцијата не е перцепција туку вистина бидејќи Државната комисија за спречување на корупција изминатиот период од 687 пријави, од кои на 23 пријави се покренале на сопствена иницијатива, а решиле само 100 предмети

„Тоа не го кажуваме само ние од опозицијата, туку тоа го потврдуваат и извештаите од кредибилни институции, европски институции кои покажуваат дека нашиот ранг на корупција во државата не се намалил, туку многу се зголемил“, рече Панова.

Посочи дека сите извештаи објавени во Комисијата за политички систем кажуваат дека бројот на претставки до сите институции е многу голем, бројот на пријави до Државната комисија е многу зголемен.

„Но, еве зошто сметаме дека не е само перцепција тоа што корупцијата е на многу високо ниво, по овој извештај по поставувањето на корупција имаме примено пријави од страна на Државната комисија за спречување на корупција 687, по сопствена иницијатива покренале 23, а за број на отворени предмети нема податок, замислете број на решени предмети само 100. Ако направиме збир дека станува збор за околу 700 пријави за висока корупција, немаат податок за колку имаат отворени предмети, а само 100 се решени предмети. Е токму поради тоа висока корупција во Република Македонија не е перцепција, туку е вистина“, децидна е Панова.

Истакна дека Државната комисија за спречување на корупција не смогнала сили за постапување и отворање на предмети за аферите познати во јавноста како „Леонардо“, за Ден Дончев, за Специјалното јавно обвинителство.

„Aко земете предвид дека во изминатиот период особено овој Извештај за 2019 година, имаше многу јавни скандали за кои Државната комисија за спречување на корупција не смогна сили да отвори предмет и тука станува збор за аферата Леонардо, за Ден Дончев, за СЈО итн“, рече пратеничката Панова.