9.8 C
Skopje
среда, април 24, 2024

Панова: Оспорувањето на македонската национална историја е неприфатливо

Вечерва се обраќам од позиција на мојата професија како некој што се занимава со проучување на македонската средновековна историја и што директно е засегнат од актуелните состојби во професионална смисла, рече Маја Ангеловска Панова од ВМРО-ДПМНЕ.

-Секој од нас е препознатлив по делата што ги остава зад себе или како што би рекол нашиот Крсте Петков Мисирков „секој човек има и право и долг јавно да ги изразува своите разбирања за стратешките интереси на својот народ“. Во Република Македонија се изградени научни и образовни институции кои делуваат во согласност со клучните начела на слободата на научната мисла, што го вклучува и проучувањето и афирмацијата на македонската историја, јазик, литература, култура, фолклор. За жал овие принципи и придобивки во 21 век се доведуваат во прашање. Македонскиот народ се соочува со отворено оспорување на националната историја, јазикот и идентитетот, поконкретно со сите традиционални вредности, кои се во тесна врска со македонизмот како фундамент на нацијата и државноста. Лимитирањето на слободата на научното творење и наметнување на „историски вистини“, е во целосна спротивност со базичните вредности на кои почиваат европските демократии. Оттаму и реакциите на интелектуалците, кои се обединуваат надпартиски со критика на ваквите оспорувања. Во предвечерието на големиот празник, посветен на Св. Климент Охридски не можам, а да не ги споменам неговите пофални слова за свети Кирил: „Блажен го нaрекуваме твојот многу гласен јазик од кој му огреа на мојот народ светлина на вечниот Бог. Блажени да се твоите богодвижни прсти, тие му ја напишаа на мојот народ слободата од гревовното ропство. Блажена да е твојата златозрачна утроба од која му источи на мојот народ животворна вода одозгора дојдена со твоите молитви. Блажени да се твоите свети нозе со кои го обиколи како сонце целиот свет проповедајќи од Бога вдахновена наука“. Како достоен следбеник на изворните Кирилометодиевски традиции, св. Климент ја создал Охридската книжевна школа, која имала исклучителен импакт за независниот развој на просветителски тенденции и критичка мисла во Македонија. Неслучајно од тие редови ќе произлезат и протагонистите на богомилството, они преку кои македонските интелектуалци по Првата и за време на Втората светска војна, ќе ја истакнат македонската посебност, придодавајќи му ја богомилската ориентација и на царот Самуил. Оние богомили, за кои Рацин вели дека: успеаја со својата жива и народна интерпретација на христијанството да ги всадат во народот своите најдобри човечки традиции, бидејќи на таа интерпретација и самите го изградија своето учење. Само тие можеа да работат на вистинската народна култура, зашто и идеалот им беше длабоко народен, и само таа култура народот можеше да ја прифати, зашто беше навистина негова. Во контекст на актуелноста на богомилството се и Рациновите зборови: Но не ги згаснаа зборовите богомилски, истакна Ангеловска Панова.

Тие се тука. И светат. Оти се неугасливи. Живеат во народот. Слободарските идеи на македонските интелектуалци се врадени во Манифестот на АСНОМ, во кој првото македонско народно собрание ги констатира “вековните идеали на македонскиот народ” за државност, втемелени на “принципите на правото за самоопределување”, “искрена солидарност и мир меѓу балканските
народи” и “права на полна слобода и рамноправност на сите народности во Македонија”. И сосема на крајот ќе завршам со зборовите од Манифестот, кој ја содржи пораката за идните генерации за продолжување на вековитиот завет и долг кон нацијата: “Во овија дни се решава судбата на нашиот народ за векови. Историјата ве поставила пред судбоносна проба, во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме!”. Како генерација денес сме сведоци на оспорување на македонската национална историја, што се базира на конструирани историографски тези од 19 век, кои се наметнуваат како непроменлива историска константа и единствена догматизирана историска вистина. Ваквите тенденции се крајно неприфатливи, порача Ангеловска Панова.

Европа во 21 век почива на принципи, засновани на респектирање на нациите и нивното право на самоидентификација и на сопствена национална историја и култура, а единствен услов треба да биде споделувањето на европските принципи, содржани во Копенгхашките критериуми. Македонската нација во никој случај не смее да биде исклучок! Додаде таа.