4.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Пановски и даде „Тројка“ на Македонија за справувањето со епидемијата

Македонскиот здравствен систем го издржа притисокот, а здравствените работници се херои и заслужни за почит, вели Професор Д-р Никола Пановски.

„Добар 3“ е оценката за Македонија во однос на тоа како се справуваше со епидемијата во изминатата година, вели микробиологот Професор Д-р Никола Пановски. Што не очекува наредниот период зависи од однесувањето на граѓаните, но и од пристигнувањето на вакцините, појаснува за Канал 5 Д-р Пановски, кој додава дека на крајот сепак, религијата и науката успеале да најдат заедништво за да се избегнат собири и да се спречи забрзаното ширење на вирусот.

Во однос на ефикасноста и безбедноста на вакцините, Д-р Пановски вели дека има и лекари што изнесуваат лажни тврдења, а досега не постои официјален податок што би потврдил присуство на желатин од свинско месо во вакцините. Важно е да се вакцинираат ранливите групи.

Според последните најави од здравствените власти, првата пратка директно од производителот „Фајзер“ треба да пристигне во февруари, а ќе пристигнат уште по две, наредните два месеца. Она што засега, здравствените власти не го откриваат е колкава е вкупната договорена количина, а непозната останува и цената по вакцина.