Пановски: Лудост е превентивното пиење антибиотици, резистенцијата одзема животи

Според сите светски и здравствени статистики главни проблеми во медицината покрај малигните и кардиоваскуларните заболувања е појавата на мултирезистентни бактерии, односно враќање во црниот век. Антибиотската ера од 1945 навака полека згаснува. Бактериите кои живееле 3 милијарди години брзо се адаптираат, изјави во Утрински брифинг проф. Д-р Никола Пановски говорејќи за рационална примена на антибиотици.

-Употребата на антибиотици врши селекција на бактериите. Тие брзо се размножуваат и мутираат и си ја пренесуваат резистенцијата едни на други. Кога ќе почнете наголо да давате антибиотик по пат на Дарвиновата теорија се прави селекција, вели д-р Пановски и додава дека резистенцијата одзема животи во Европа колку што тоа се случува и со сообраќајните несреќи.

-Во Медитеранските земји, како Италија, Грција, Кипар, па и Македонија се препишуваат антибиотици 3 до 4 пати повеќе од скандинавските земји. Врз база на тоа може да кажеме дека кај нас од осум пациенти кои примиле антибиотик само еден требало да прими, вели д-р Пановски кој додаде дека врз база на оваа пракса инфекциите многу потешко се лечат во медитеранските отколку оние во скандинавските земји каде амоксицинот е главен лек.

Целиот разговор со проф. д-р Никола Пановски погледнете го во видеото:

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.