Пановски прашува: Од каде толку рецепти за антибиотици, и тоа само „сумамед“ и „панцеф“?

Професор д-р Никола Пановски пред неколку дена алармираше дека во Македонија се злоупотребуваат антибиотиците и оти тие не се соодветна терапија за коронавирусот, но сепак се препишуваат.

Денеска, ги споделува алармантите бројки на препишани антибиотици во текот на октомври и ноември и прашува од каде толку препишани рецепти и зошто баш тие антибиотици, кога има уште дваестина други.

-Податоци од ФЗО за октомври 2020, азитромицин таблети 500мг(сумамед) 42000 рецепти, цефиксим табл.400мг (панцеф) 13500, за 17 дена во ноември 44500 рецепти за сумамед и 14500 рецепти за панцеф. Во тој период има 30.000 нови позитивни на Ковид 19, а пропишани 86500 +28.000 рецепти. Проценката е дека до крајот на годинава ќе се реализираат 200.000 рецепти сумамед и 60.000 рецепти панцеф повеќе од 2019. Ако имаме 100.000 САРСКов2 позитивни, ако од нив 15.000 (15%) се со некакви компликации, можеби и бактериски инфекции, од каде 260.000 рецепти, па и за 15.000 болни и зошто баш тие антибиотици, кога има уште дваесетина други???, вели Пановски.