Папата Франциск: Не е Божик ако купуваме подароци, а не помогнеме на сиромашните

Папата Францик потсети дека на Божик се одбележува раѓањето на Исус Христос според христијанската традиција и не може да се сведува на „убав традиционален празник” или на „потребите на конзуматорското општество”, пренесе Франс прес.

Рекламната машина поттикнува да си разменуваме секогаш нови подароци, за да има изненадување. Но дали ваквото празнување му е мило на Бога?, запраша папата.

Божик значи да се слуша тивкиот глас на Бога, а не вревата на конзуматорското општество, им порача духовниот водач на околу 1,3 милијарди католици во светот. „Ако Божик останува само убав традиционален празник каде централното место сме ние, а не Бог, тоа би била пропуштена можност. Ве молам, нека не го претвораме Божик во недуховен настан!”, нагласи папата Франциск.

Нема да е Божик, ако се трупаме со подароци, ручеци и вечери, а не помогнеме на ниту еден сиромав, додаде папата Франциск.