Папата Франциск во Будимпешта се сретна со претставник на Руската православна црква

На вториот ден од своето апостолско патување во Унгарија, поглаварот на Римокатоличката црка, папата Франциск во саботата се сретна со митрополитот Будимпештански, Иларион, епископ на Руската православна црква.

Поглаварот на католичката црква го прими Григориј Валериевич Алфеев, како што секуларно се нарекува овој висок претставник, во аудиенција во амбасадата на Ватикан, објави Светата столица на Twitter. Средбата меѓу двајцата црковни поглавари поминала во „срдечна атмосфера“ и траела дваесетина минути, се наведува во соопштението.

Се одржа во Нунцијатурата во Будимпешта, резиденцијата на папата Франциск за време на неговиот престој во Унгарија. Папата го поздравл митрополитот со прегратка и го бакна крстот што го носи околу вратот, пишува Vatican News.

Пред да стане архиепископ и митрополит Будимпештански, Иларион служел како шеф на канцеларијата за надворешни работи на Московската патријаршија. Во јуни 2022 година, неколку месеци откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, тој беше сменет од функцијата и префрлен во Унгарија. Одлуката ја донесе управното тело, односно Светиот синод на чело со московскиот патријарх Кирил.

Руската православна црква во Унгарија брои околу 2.300 членови.

Додека 86-годишниот папа редовно зборува за страдањата на населението во Украина, тој не ја споменува Русија во такви прилики. Франциск веќе неколкупати беше поканет во Украина од политичари од Киев, но засега не се одлучил да отпатува во таа земја.

Претходно во петокот, папата Франциско во текот на неговата апостолска посета на Будимпешта, ги осуди „воените солисти“ во меѓународната политика кои се мешаат во „мировниот хор“ и покажуваат „воинствен инфантилизам“.

„Во повоената ера, Европа со Обединетите нации, во заедничка цел, ја отелотворуваше големата надеж дека блиските врски меѓу народите ќе спречат понатамошни конфликти. Во светот во кој живееме сега… се чини дека треба да го видиме хорот пеејќи го сонот на светот, тажно пожртвуван, додека солистите на војната си го пробиваат патот“, рече папата говорејќи во резиденцијата на претседателот на Унгарија.

„Се чини дека на меѓународно ниво, политиката наместо да ги решава проблемите, повеќе го разгорува гневот, заборавајќи на зрелоста постигната по ужасите на војната, деградирајќи до милитантен инфантилизам“, нагласи понтифот.

Повика на „повторно создавање на новиот дух на Европа“, каде што „целината не врши притисок врз деловите, а деловите добро се вклопуваат во целината“.

Папата го цитираше еден од основачите на Европската унија, Роберт Шуман, дека светскиот мир може да се одржи само со доволно креативни напори. „Ќе поставам прашање, размислувајќи за Украина, каде се креативните напори насочени кон мир?“, праша Франциск.

Папата го осуди и промовирањето на мултиродовата култура и абортусот.

„Истовремемно со тоа би било одлично да се изгради Европа, чиј центар би биле човекот и личноста, каде што функционира ефективна политика на полето на плодноста и семејството“, рече тој.

Претседавачот на Светската унија на староверниците, Леонид Севастијанов, кој одржува кореспонденција со понтифот, претходно изјави дека папата Франциск, на состанокот со украинскиот премиер Денис Шмихал во четвртокот, зборувал за потребата од започнување мировни преговори без поставувања услови, додека понтифот гледа „преговарачки мост“ во унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Орбан претходно рече дека во моментов во Европа само Будимпешта и Ватикан се против ескалацијата на конфликтот во Украина, а другите земји, како Германија, не можеле да одолеат на надворешниот притисок и се сместија во „воениот корпус“. Според унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, повеќето земји во светот не ја делат европската „воена психоза“ и би сакале да дојде мир во Украина, што не може да се постигне со санкции и снабдување со оружје.

Посетата на папата Франциск на Будимпешта е четврта официјална папска посета на Унгарија, тој претходно присуствуваше на 52-то Меѓународен евхаристиски конгрес во 2021 година, а пред него, папата Јован Павле Втори ја посети земјата двапати – во 1991 и 1996 година.