Папата го примил писмото на Мадуро, Ватикан има волја да посредува во Венецула

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, потврди во вторникот дека ги примил писмото од венецеулскиот претседател Николас Мадуро и порача дека Ватикан е расположен да посредува во Венецуела доколку тоа го побараат двете страни.

Во разговорот со новинарите во авионот по враќањето од Абу Даби, папата Франциск изјавил дека сѐ уште не го прочитал писмото. „Ќе го прочитам писмото и ќе видам што може да се стори, но првиот услов е тоа двете страни да го побараат. Ние имаме волја“, рекол папата.

Николас Мадуро за италијанската телевизиска мрежа Sky TG24 претходно во понеделникот соопшти дека на папата му испратил писмко „барајќи од него помош во процесот на олеснување и јакнење на дијалогот“.

Имајќи ги предвид досегашните неуспешни обиди за дијалог, а еден од нив водеше и Ватикан, опозицијата во Венецуела се сомничава и верува дека Мадуро се обидува да добие во време.

Официјалната медијација би требало да биде последниот чекор во дипломатијата. Ватикан и меѓународната заедница претходно треба да преземат некои прелиминарни чекори, смета папата Франциск. Треба да се направи обид „да се приближат двете страни, да се започне процесот на дијалог“, рекол.