Папата ќе се сретне со жртвите кои сексуално било злоставувани

Папата Франциско предупреди дека нема привилегија за бискупите кога е во прашање сексуалното злоставување на децата и најави дека на почетокот на јуни ќе одржи прв состанок со една група жртви на злоставување.

Истакнувајќи дека нема да покаже толеранција спрема било кој во Католичката црква кој злоставувал деца, вклучувајќи ги и бискупите, папата истакна дека сексуалното злоставување на децата е ужасно злосторство и го спореди со „сатанска миса“.

Враќајки се од посетата на Блискиот исток, папата на новинарите во авион им кажал дека следната недела во Ватикан ќе одржи специјална миса за жртвите на злоставувањето.

„Тројца бискупи се под истрага. Еден од тие веќе е осуден.Нема привилегии. Свештениците кои тоа го прават, го издаваат Бога,“ изјави папата.

Папата додаде дека ќе се состане со групата од шест или осум жртви на злоставување и дека по мисата приватно ќе зборува со нив.

Ватикан пред три недели за првпат објави комплетна статистика за тоа како се казнети свештениците обвинети за силување и друго злоставување на деца, наведувајќи дека во последните десет години 848 свештеници се расчинети, а 2572 добиле помали казни.