Папата нареди темелна истрага за американскиот кардинал

Папата Франциск наредил „темелна истрага“ на сите документи кои се наоѓаат во канцелариите на Ватикан, а се однесуваат на посрамениот американски кардинал, Теодор Меккарик, што е првиот одговор на Светата Столица на обвиненијата покренати против него.

Во документите од август годинава надбискупот Карло Марија Вигано, поранешен амбасадор на Ватикан во САД, вели дека Папата со години знаел за сексуалното однесување на Меккарик кон возрасните семинаристи, но дека ништо не презел.

Mеккарик во јули стана првиот кардинал кој поднесе оставка на својата дотогашна позиција во раководството на црквата откако одделните истраги покажале дека изјавите дека тој сексуално злоупотребил шеснаесет млади мажи се веродостојни.

Во вчерашното соопштение на Ватикан се вели дека истрага што се води против Меккарик може да покаже дека „тогаш биле преземени чекори кои не се во согласност со актуелниот пристап на Црквата кон таквите проблеми“.

Во својот извештај Вигано обвинува бројни актуелни и поранешни високи ватикански и американски свештеници кои го прикривале случајот на Меккарик. Тој тогаш го повика папата да отстапи од должноста.

Повеќе не е прифатливо кон бискупите кои направиле или прикривале злоставувања да се однесува поинаку отколку кон свештениците кои извршиле исти злосторства, соопшти Ватикан.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.