Папата не го прими Помпео оти ја вовлекувал црквата во американските избори

Ватикан во средата објави дека го одбиле барањето на Мајк Помпео за аудиенција кај папата Франциск и го обвинија државниот секретар на САД дека се обидел да ја вовлече Католичката црква во претседателските избори во САД осудувајќи ги односите на Ватикан со Кина.

Забелешките на двајца дипломати во Ватикан следеа откако Помпео во напис и серија објави на Твитер ја обвини Црквата за нарушување на нејзиниот „морален авторитет“ со обновување на договорот за назначување бискуп со Кина.

Помпео, кој во средата беше во Рим, а во четврток треба да се сретне со претставници на Ватикан, уште еднаш ја осуди Кина на конференцијата за верска слобода организирана од амбасадата на САД.

Двајцата врвни дипломати во Ватикан, државниот секретар и кардинал Пјетро Паролин и надбискупот Пол Галагер, изјавија дека папата Франциск го отфрлил барањето на Помпео за аудиенција затоа што не сакал да се состане со политичари пред изборите.

„Да, праша тој. Но, папата веќе јасно стави до знаење дека не прима политичари за време на изборите. Тоа е причината”, рече Паролин.

Ватикан и Пекинг потпишаа двегодишен договор за назначување кинески бискупи. Тој договор истекува следниот месец, но треба да биде обновен.

Официјални лица од Светата столица изјавија дека договорот не е совршен, но го опишаа како чекор напред по децениите прогонства на кинеските католици, кои го признаваат папата.

Кинеските католици, скоро 12 милиони од нив, се поделени во „подземна“ црква лојална на Ватикан и католичко патриотско здружение контролирано од државата кое му назначува бискупи.

Паролин и Галагер изјавија дека се „изненадени“ од критиките на Помпео непосредно пред планираната посета.

„Обично кога се организираат посети од високи функционери, за дневниот ред се договара приватно, доверливо. Тоа е едно од правилата на дипломатијата“, рече Галагер.

„Договорот меѓу Ватикан и Кина е прашање што нема никаква врска со американската политика. Тоа е прашање меѓу Црквата и не треба да се користи за други цели“, рече Паролин.

На брифинг, Помпео беше запрашан дали тој „се бори“ со Ватикан поради Кина и како тоа може да влијае на христијанските гласачи во САД, и тој рече дека тоа е „едноставно лудило“.

Претседателот Доналд Трамп зазема тврд став кон Кина во својата предизборна кампања. Тој исто така е силно поврзан со конзервативни православни и католички движења, од кои многумина беа критички настроени кон папата Франциск.

Помпео не се осврна директно на договорот Ватикан-Пекинг, но рече дека Кина „најмногу ги загрозува правата на верниците во светот“.

„Верските слободи никаде не се нападнати како во Кина“, рече Помпео, додавајќи дека Кинеската комунистичка партија се обидува да ја „затемни ламбата на слободата в застрашувачки размери“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.