Парцелите на Козјак, повторно на продажба по 1 евро за метар квадратен

Дваесет и четири парцели на езерото Козјак кај село Близанско, за кои беше поништена претходната продажба поради упад во системот, повторно се понудени на продажба по цена од 1 евро за квадрат, пишува дневниот весник „Нова Македонија“.

Дваесет и две од нив се наменети за изградба на викенд-куќи, една е за изградба на комерцијално-деловен објект и една за спортско-рекреативен комплекс.

„Површината на овие парцели се движи од 400 до 1.200 квадратни метри. Парцелата понудена за изградба на комерцијално-деловен објект се протега на површина од 1.623 квадратни метри, а почетната цена за оваа парцела изнесува 350 денари за квадратен метар, додека парцелата наменета за изградба на спортско-рекреативен комплекс е со површина од 7.691 квадратен метар, со почетна цена 100 денари за квадрат“, информира Милосим Војнески, градоначалник на општината Македонски Брод.

Вторпат на продажба се понудени и 3 парцели кај село Инче со површина од 60.000 квадратни метри, на кои треба да бидат изградени 3 фотоволтаични централи.

„Почетната цена за еден метар квадратен за овие парцели изнесува 150 денари. Ова е добра можност нашата општина да заработи дополнителни парични средства бидејќи 80 проценти од парите се слеваат во општинската каса. Инаку на оваа локација веќе е продадена една парцела од 25.000 квадратни метри, на германска компанија која ќе гради соларна електрана“, додаде Војнески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.