„Пари“ анализа: 100 приватни компании лани имале добивка од вкупно 735,5 милиони евра

„Пари.мк“ во соработка со платформата за бонитетни информации БизнисМрежа.мк, трета година по ред, ја претстави листата на „100 Најголеми“ компании по добивка во Македонија за 2021-та година. Проектот „100 Најголеми“ содржи три категории – најголеми компании по приходи, добивка и број на вработени. Целта на проектот е да допринесе за развој и јакнење на позитивната деловна клима низ промоција на позитивната деловна пракса на најголемите компании по приход, добивка и број на вработени.
Предмет на рангирањето на 100 најголеми се компании – трговски друштва во приватна сопственост. Ранг листата не вклучува правни лица, банки, осигурителни компании, државни институции, компании во државна сопственост и останати правни лица кои не се регистрирани согласно законот за трговски друштва.
Податоците по добивка покажуваат дека 100 компании оствариле вкупна добивка од 735,5 милиони евра во 2021 година, додека во 2020 година, нивната добивка била 517,4 милиони евра, што значи дека за една година се зголемила за 42%.
Но, ако се споредат податоците за најприходните и најпрофитабилните компании, може да се види дека само 3 компании од ТОП 10 најголеми по приход се во групата на ТОП 10 најголеми по добивка.
Интересен е и фактот што 5 компании кои во 2021 година биле во загуба, во 2020 година влегле во 100-те најпрофитабилни, за кои ќе биде посветен посебен текст.
Инаку, вкупните добивки на најпрофитабилните компании се генерирани од нивниот вкупен приход од 7,86 милијарди евра (околу 2,4 милијарди евра помалку од она што го оствариле 100-те најголеми фирми по приход).
Во 100-те најголеми компании по добивка имало и помалку вработени во однос на 100-те најголеми компании по приход. Односно,кај нив лани биле вработени 47.651 работник.