„Пари“-анализа: Граѓаните лани оставиле 21 милион евра во 4 лаборатории

Најголем дел од граѓаните кои се соочија со вирусот Ковид-19, и покрај платеното здравствено осигурување, мораа да одат во приватни лаборатории. Таму ги дочекаа изгор цени. За ПЦР тест се плаќаше околу 2.500 денари, за крвна слика со дидимери и со CRP – 1.500 денари, за антитела – 1.200 денари. Во екот на пандемијата, термини во државните лаборатории немаше и граѓаните беа принудени да плаќаат приватно, пишува порталот „Пари“.

Препораката на лекарите беше почесто контролирање на дидимери, а тоа значеше дека болните од Ковид-19 неколку пати мораа да посетат приватна лабораторија. Сепак, приватните лаборатории ја пополнија „дупката“ во државниот здравствен систем, обезбедувајќи ги здравствените услуги, поврзани не само со вирусот, туку и со другите здравствени проблеми.

Според податоците од платформата БизнисМрежа.мк, минатата година во приватните лаборатории граѓаните оставиле најмалку 21 милион евра. Толкав бил вкупниот приход во Авицена, Биотек, Никоб Лаб и Синлаб, додека нивната вкупна нето-добивка е околу 7,8 милиони евра, што покажува висока профитабилност на лабораториите.

Од минатата година кон приватните лаборатории се придружи и „Никоб лаб“ и она што беше карактеристично за оваа лабораторија е што на самиот старт на работа понуди пониски цени отколку другите и како нова лабораторија успеа да направи голем промет.

Секако, во минатата година, голем дел од заработката на лабораториите се должеше и на ПЦР тестовите и на брзите антигени тестови, што граѓаните ги правеа поради патувања.

Анализата на податоците што ја направи порталот „Пари“ покажува дека минатата година најмногу пари граѓаните оставиле во „Авицена“ – дури 7,1 милиони евра. На второ место е „Биотек“ која направи промет од лабораториските анализи во износ од 6,1 милион евра, „Никоб лаб“ имал приход од 4 милиони евра, додека „Синлаб“ е со реализација од 3,8 милиони евра.

Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март 2020 година. Но, како што може да се види од податоците, тие лани оствариле многу поголем промет отколку во 2020 година. Ланскиот приход бил 21 милион евра, а прекланскиот 9,9 милиони евра. Пред пандемијата пак, во 2019 година, прометот, а со тоа и оставените пари од граѓаните за лабораториски услуги во приватните лаборатории, бил повеќе од двојно помал отколку во 2020 година и изнесувал 4,67 милиони евра. Во 2018 година, вкупниот промет бил сличен, но помал и изнесувал 4,16 милиони евра.

Како што растел прометот во текот на минатата година, очекувано растеле и добивките на компаниите кои се занимавaат со лабораториска дејност.

Убедливо најголема добивка, како и најголем промет, имала „Авицена“. Притоа, нејзината стапка на профитабилност како сооднос на нето-добивката во однос на вкупниот приход изнесувала 39,4%.

Втора по остварена добивка е „Биотек“ со профит од 2.600.000 евра и со стапка на профитабилност од 42,6%.

„Никоб лаб“ лани имал нето-профит од 1,4 милиони евра и во однос на приходот, тоа се 35%.

Податоците за трите лаборатории кои работеле и во 2021 година и во 2020 година (Никоб Лаб од лани работи) покажува дека „Синлаб“ има најголем раст на добивка (113,62%) иако работи со помала профитабилност (добивка во однос на профит) во однос на другите компании. Компанијата ги има зголемено и приходите за 52,27 проценти. На второ место по раст на добивка е „Авицена“ (77,16%), и таа ги има зголемено приходите за 55,25%.

Растот на приходот на „Биотек“ бил 66,48% при најголем раст на приходот во однос на сите компании – од 117,78%.