Парична казна за две лица од Валандово за ​непостапување според прописите за време на пандемија​

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гевгелија денеска до Основниот суд – Гевгелија доставил предлог за издавање казнен налог против две лица за сторено кривично дело непостапување според прописите за време на пандемија предвидено и казниво по член 206 од Кривичниот законик.

Во предлогот Обвинителството бара лицата да се огласат за виновни и да им биде изречена парична казна во висина од по 100 дневни глоби или вкупна вредност од 123.000,00 денари за двете лица.

Обвинетите на 13-ти овој месец со авионски лет допатувале од Германија – земја со висок ризик на зараза на Меѓународниот аеродром во Скопје. Покрај упатството со кое им било укажано за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена, тие не постапиле по Одлуката на Владата на РСМ за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирус. Во критичниот период од 14 до 17 март контактирале со повеќе лица, дури и биле во Отсекот за управни работи во Валандово. Со овие дејствија обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар, велат од Обвинителството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.