Парична казна за управителот и за фабриката Техникал Текстијал од која истече хемикалија во Брегалница

Побелувањето на реката Брегалница со хемикалија од фабриката Техникал Текстијал во штипската ТИР зона помина со парична казна од 200.000 денари. Казна заработи и управителот на фирмата. Еколошкиот инцидент се случи пред речиси две години, кога пукна црево од цистерна при дотур на хемикалија. Граѓаните и риболовците тогаш реагираа и одводниот канал кој се влева во Брегалница тогаш ги однесе во штипската ТИР зона. Пред седум дена управителот на Техникал Текстајл ја призна вината и се извини на граѓаните на Штип, а штипскиот Основен суд денеска ја објави пресудата.

-Основниот суд во Штип претставен од судија поединец донесе Пресуда поради признание на вина, со која управителот на правното лице и правното лице се огласени за виновни и осудени на парична казна и тоа: на управителот на правното лице за сторено кривично дело од чл.218 му е изречена парична казна во износ од 2000 евра во денарска противвредност од 123.000 денари, а на правното лице за сторено кривично дело од чл.218 му е изречена парична казна во износ од 200.000 денари, се вели во соопштението од Основен суд-Штип.

Делото за кое им се судеше на управителот и компанијата предвидува максимална казна од 500.000 денари, претходно со прекршочен налог компанијата плати 2.000 евра. Хемикалијата која ја побеле реката Брегалница за среќа не беше штетна за животинскиот и растителниот свет, а не ги загади и бунарите, од кои штипјани пиееја вода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.