Парична помош за средношколците од семејствата приматели на социјална парична помош

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов на конференција за медиумите информираше за продолжувањето на Програмата за условен паричен надоместок за средно образование.

„Министерството за труд за социјална политика, преку различни проекти и иницијативи настојува да го подобри социјалниот статус на ранливите категории. Правото на образование е темелно право на секое дете, но истовремено и сигурен пат до успех за секој човек.Токму поради тоа и оваа година почнувајќи од овој месец продолжуваме да ја реализираме Програмата за условен паричен надоместок за учениците од средно образование од семејства приматели на социјална парична помош”, рече министерот Спасов.

Оваа програма има за цел да обезбеди дополнителна помош и стимулација за учениците и семејствата приматели на социјална помош и за нејзина реализација за 2014/2015 година се предвидени 108.000.000 денари.

„На секој корисник годишно ќе му се исплаќа по 12.000 дeнари, а исплатата се врши во четири еднакви износи од по 3.000 дeнари на примателот на надоместокот во текот на една година. Овој износ останува непроменет и за оваа учебна 2014/2015 година, при што очекуваме дека годинава 9.000 ученици ќе го остварат ова право.
Исплатата на средствата за Програмата за условен паричен надоместок за образование, ќе се врши на ист начин како и исплатата на правото на социјална парична помош”, информираше министерот Спасов, притоа потсетувајќи дека оваа Програма успешно се реализира од почетокот на учебната 2010/2011 година, односно ова е веќе петта година по ред како се применува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.