Париз ги повика Белград и „особено“ Приштина да го прифатат предлогот на ЕУ за регистарски таблички

Официјален Париз ги повика во вторникoт властите во Белград и во Приштина да го прифатат предлогот на Европската унија за решавање на спорот за регистарските таблички по неуспехот на преговорите за кои Брисел ја обвини делегацијата на косовските Албанци

Франција „ги повикува двете страни, особено Косово, да го прифатат компромисниот предлог формулиран од Европската унија“, се вели во соопштението на портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, пренесува агенцијата Бета.

„Франција целосно го поддржува европското посредување, кое треба да овозможи напредок кон глобален и правно обврзувачки договор меѓу Србија и Косово и напредок кон европската перспектива на двете земји“, се вели во соопштението на француското Министерство.

„Франција силно ги повикува страните да ги продолжат разговорите во наредните денови во духот на компромисот и да ги спроведат веќе склучените договори, вклучително и одредбите поврзани со Заедницата на српските општини“, се вели во соопштението.

„Франција се придружува на повиците на Европската унија да се избегне каква и да е унилатерална акција што може да поттикне тензии“, се заклучува во соопштението.