Париз повикува на создавање европски „столб“ во НАТО

Европските земји би требало заедно да формираат столб во рамките на НАТО, предложи во средата француската министерка за одбрана, Флоранс Парли, замолена да ги коментира контроверзните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон за „мозочната смрт“ на Североатлантската алијанса.

„Кога претседателот на Републиката ја спомена мозочната смрт на НАТО, тоа не значи смрт на НАТО, меѓутоа (…) никој не може да ја пренабрегне кризата низ којашто минува организацијата. Секако, на чисто воен план работите функционираат. НАТО е силно орадие (…) Но тоа не смее да ја сокрие суштината“, истакна Парли во францускиот Сенат.

Министерката притоа го осуди, во прв ред, „очигледниот недостиг од одбранбените напори на Европејците, каде што дури Европејците би требало да формираат свој столб во рамките на Алијансата“.

Според Парли, постои „сериозен сомнеж во гаранциите од американсата безбедност“ и „основното преиспитување за солидарноста меѓу сојузниците кога Турците ги напаѓаат токму оние кои се борат против Исламската држава“ во Сирија.

„Не можеме да бидеме задоволни со таквата состојба“, додаде Парли, велејќи дека Франција „на самитот (на НАТО) во Лондон (на почетокот од декември) ќе се заземе за тоа да почне да се размислува за иднината на сојузот“. „Нема европска одбрана без НАТО, и обратно“, заклучи француската министерка за одбрана.

Францускиот претседател Еменуел Макрон, за кого европската одбрана е важна тема, на почетокот од ноември поттикна бран критики во Алијансата оценувајќи дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“. Неговите изјави во интервјуто за британски The Economist во кои повторно повика на јакнење на одбранбените капацитети на Европа која треба да стекне „стратешка автономија“, ги критикуваа германската канцеларка Ангела Меркел и новоизбраната претседателка на Европската комисија, поранешната германска министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен. Двете, како и многумина во Европа, се сомничави кога станува збор за можноста од снаоѓање во воената сфера без САД.